ВИДЕО | Изразот на лицето на Ентони Блинкен додека Џо Бајден го нарекува Си Џинпинг диктатор кажува повеќе од 1.000 зборови
Камерата на CNN го забележа изразот на лицето на првиот човек на американската дипломатија, Ентони Блинкен, во моментот кога претседателот на САД, Џо Бајден, на прес-конференција го нарече својот кинески колега Си Џинпинг – „диктатор“.
Џо Бајден на прес-конференцијата, на која требаше да ги претстави резултатите од самитот на АПЕК, кажа дека се уште го смета својот кинески колега за диктатор.
„Тој е диктатор во смисла дека е човек кој води земја, комунистичка земја заснована на форма на владеење што е сосема поинаква од нашата“, порача Џо Бајден.
Судејќи според снимката снимена од камерата на CNN, самото прашање на новинарот упатено до Џо Бајден, дали тој сè уште го смета Си Џинпинг за диктатор, предизвика непријатност кај американскиот државен секретар и изразот на лицето додека американскиот претседател јасно одговара потврдно покажува што мисли Ентони Блинкен за јавно искажување на ваквите ставови.
По повод вчерашната изјава на Џо Бајден, Кина оцени дека ваквиот говор претставува неодговорна политичка манипулација.
Да потсетиме дека Си Џинпинг и Џо Бајден се сретнаа на маргините на конференцијата за азиско-пацифичка економска соработка во Калифорнија, а последен пат разговараа во ноември 2022 година за време на самитот на Г-20 во Бали, Индонезија.