Зимската бура во САД денеска донесе обилен снег, замрзнат дожд и силен ветер во северните и централните делови на земјата и остави стотици илјади луѓе без струја.
Ројтерс јавува дека поради невремето се откажани стотици летови низ земјата.
Во одредени области снегот создаде покривка од 46 сантиметри, а налетите на ветерот со брзина од 80 километри на час создадоа студ кој е еквивалент на минус 20 степени Целзиусови, објави американската Национална метеоролошка служба.
Во исто време рекордно високи температури се очекуваат во делови од Охајо и јужниот дел на земјата.
Во Висконсин, Мичиген, Илиноис, Индијана и Њујорк, силните ветрови и замрзнат дожд оставија околу 900.000 домови и деловни објекти без струја.
Невремето одложи или откажа повеќе од 1.300 летови низ земјата, а властите предупредија дека возачите ќе се соочат со тешки услови на патот.
Ледената бура го попречи и пристапот до Интернет во Мичиген, според ,,НетБлокс”.