ВИДЕО | Сцена како во хорор филм: Од камион паднале кошници со пет милиони пчели, возачот претрпел најмалку 100 убоди

Кошниците биле расфрлани во радиус од 400 метри

Полицијата побарала помош од пчеларите, откако од камион во Канада паднале кошници со пет милиони пчели, предизвикувајќи повеќе од 100 убоди кај возачот, јавува Би-Би-Си.

Кошниците со пчели се превезувале со камион, а инцидентот се случил во средата откако попуштиле ремените што ги прицврстувале, па паднале на коловозот. 
Возачот на камионот претрпел 100 убоди. Нему му била укажана лекарска помош, а лекарите рекле дека состојбата не е сериозна.

Кога пчеларот Мајкл Барбер пристигнал на локацијата, видел „облак пчели кои биле многу лути и збунети“.

По сцената во Бурлингтон, Онтарио, тој за Би-Би-Си изјави дека никогаш во животот не видел такво нешто, а се занимава со пчеларство веќе 11 години.

Возачите кои биле во близина на камионот, како и пешаците биле предупредени да се оддалечат. 

Кошниците се растуриле во радиус од 400 метри, а по неколку часа поголемиот дел од пчелите се вратиле кај нив. 

Сепак, неколку стотици инсекти не преживеале, а некои пчелари кои и помогнале на полицијата биле искасани, јавува Би-Би-Си.