Три ката се урнаа врз него, тој остана заробен под урнатините од земјотресот, а потоа со мобилниот сними се’: “Sидот експлодираше зад мене” (ВИДЕО)

Турски средношколец кој останал заробен под урнатините снимил видеа во кои го опишува неговото искуство.

Турската новинска агенција Анадолу објави видеа снимени од средношколецот Гуркан Озтурк додека бил заробен под урнатините.

“Заробен сум под урнатините. Господ нека ми е на помош. Се надевам дека сите се добро. Тука сум скоро 40 минути. Го чувствувам студениот воздух. Мислам дека направив дупка за да дишам”, вели тој во видеото.

“Мислам дека е важно да останеме смирени. Иако изгледам така, нервозен сум, но ништо не можам да направам. Нема да добиете ништо ако се плашите. Ако го преживеам овој земјотрес, мислам дека ќе го ценам животот повеќе. Ќе ги сакам луѓето повеќе“, додаде тој.

Откако бил спасен, тој разговарал со една од работничките за итни случаи, за неговите книги кои биле уништени во земјотресот.

“Има пет месеци до мојот приемен испит. Сите мои книги ги нема. Жал ми е за нив и мојата облека – не ми е грижа за облеката – ми требаат книгите”, ѝ рекол тој.

Откако се опорави, своето искуство го раскажа во интервју за државните медиуми.

„Слушнав звук од земјата. Се разбудив и погледнав во часовникот, не се сеќавам дали беше точно 4:17 наутро. Се нервирав кога звукот стана посилен бидејќи знам дека зградата е стара. Мислев дека е земјотрес“, рече тој.

„Веднаш станав од едниот кауч и зедов друг за да создадам засолниште со три агли. Додека скокнав во него со мојот мобилен телефон и јакна, ѕидот зад мене експлодираше и падна врз мене. Трите горни ката паднаа врз мене еден по еден“, додаде тој.

Под урнатините, рече тој, едвај можел да се мрда. Со денови бил подготвен да чека спасувачи.

„Моите родители, кои не спиеја, се обидоа да ископаат дупка надвор за да можам да дишам. Ако ме прашате какво е чувството да се биде под урнатините, не можам да ви опишам. Тоа не е ниту страв ниту вознемиреност, само сакате да излезете кај вашите најблиски“, рече Озтурк.