Виница е шампион во Источниот регион според ниската стапка на невработеност

Општина Виница е шампион во Источниот плански регион според ниската стапка на невработеност, а бројот на лицата кои бараат работа за една година се намалил за десетина отсто.

Минатата година во евиденцијата на Агенцијата за вработување во Виница биле регистрирани вкупно 1.225 невработени, а 706 се активни баратели на работа, од кои 44 отсто се жени. Овој број е за 140 лица помал во однос на претходниот едногодишен период, а тенденција на намалување е забележана и за првиот квартал од годинава.

Агенција за вработување во Виница

-Споредбата на податоците во нашата евиденција со бројот на населението во општината, имајќи го предвид последниот попис, покажува дека стапката на невработеност е под 8,5 отсто и е најмала меѓу општините во регионот. Опаѓањето на невработеноста кај нас е карактеристично подолг период и тоа се должи на стопанскиот развој, односно на позитивните економски трендови кај локалните компании, но и на активните мерки што ги преземаме за обука, преквалификација и друга поддршка за невработените. Поради тоа, поголемите компании веќе се соочуваат со недостиг од квалификувана работна сила, па проблемот го решаваат со ангажирање лица од соседните општини, истакна Соња Ѓорѓиева, раководителка на Центарот за вработување во Виница.

Анализата на возрасната структура покажува дека над 37 отсто од активните баратели на работа се над 55 години. Според образовната структура пак, скоро две третини се неквалификувани, а 17 отсто се со средна стручна подготовка, поради што потешко можат да се вработат.

Намалувањето на невработеноста во општина Виница дополнително е засилено со иселувањето во странство на младите и работоспособни лица, а според пописните податоци бројот на населението за две децении опаднал за близу 38 отсто