Вирусот се шири низ Хрватска, досега однесе 11 животи: бројот на заразени рапидно расте, секој трет тест е позитивен
По враќањето на скијачите и по почетокот на учебната година се зголемува бројот на заболени од грип и секој трет тестиран примерок од болни бил позитивен на овој вирус.
Како што соопшти Хрватскиот институт за јавно здравје, заклучно со 19 јануари оваа сезона биле примени 6.003 пријави за заболени од грип, а минатата недела биле примени 3.156 пријави, пренесува Danas.hr.
„Податоците укажуваат на натамошно зголемување на активноста на грип, која почна да се забележува за време на божиќните и новогодишните празници. Пријави за грип беа примени од сите жупании, при што највисока стапка на пријави на 100.000 жители е забележана во Карловац, по што следи Дубровник- Неретва и Вараждинска жупанија“, наведуваат од ХЗЈЗ.
Помеѓу примените извештаи за грип, стапката на зараза е обично највисока кај децата од предучилишна возраст, а најниска кај луѓето на возраст од 65 и повеќе години.
„Сезоната на грип обично се поврзува со таканаречената прекумерна смртност, односно зголемен број на смртни случаи во споредба со бројот на починати надвор од сезоната на грип. Тоа е последица на фактот што грипот кај одредени ризични групи како што се лицата на возраст 65 и постари и хронично болни пациенти, често е придружен со компликации и смрт. Тешко е да се каже колку луѓе всушност умираат директно или, почесто, индиректно од грип (како резултат на влошување на основната болест или компликации, како што се пневмонија или сепса) но досега има единаесет смртни исходи поради грип и поврзани компликации“, соопштија од Институтот.
Според податоците на Националниот референтен центар за грип на Хрватскиот институт за јавно здравје, има дополнително зголемување на процентот на позитивни случаи, а во третата недела од 2025 година изнесува околу 30 отсто од тестираните примероци. Во околу две третини од позитивните примероци, беше откриен вирусот на инфлуенца А, а во останатите, вирусот на инфлуенца Б.