Високиот официјален претставник на НАТО се извини што предложи Украина да се откаже од својата територија за крај на војната: “Не мислев така…“

Високиот функционер на НАТО, Стиан Јенсен, началник на Генералштабот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се извини и ги разјасни своите коментари еден ден откако јавно кажа дека Украина може да ѝ отстапи територија на Русија во замена за членство во НАТО и крај на војната, пренесува весникот The Guardian.

Стиан Јенсен за норвешки весник изјави дека не требало да зборува толку едноставно како што зборувал, откако неговите првични коментари предизвикаа лута реакција од властите во Киев.

На панел настанот во Норвешка во вторникот, Стиан Јенсен кажа дека иако секој постигнат мировен договор треба да биде прифатлив за Украина, членките на НАТО разговараа за тоа како може да се стави крај на 18-месечната војна.

Мислам дека решението може да биде Украина да се откаже од територијата и за возврат да добие членство во НАТО“, кажа Стиан Јенсен, истакнувајќи дека во дипломатските кругови продолжуваат дискусиите за повоениот статус на Украина.

Еден ден подоцна, тој даде интервју за истиот весник VG, кој известуваше за неговите оригинални коментари. „Мојата изјава за тоа беше дел од поголема дискусија за можните идни сценарија во Украина и не требаше да го кажам така. Тоа беше грешка“, изјави ден потоа тој.

Сепак, Стиан Јенсен не се откажа од идејата дека на крајот може да има договор на маса за влез на земјата во НАТО. „Ако има сериозни мировни разговори, тогаш воената ситуација во тоа време, вклучувајќи го и тоа кој контролира која територија, нужно ќе има одлучувачко влијание“, вели тој.

Токму поради оваа причина, клучно е да ги поддржиме Украинците со она што им треба“, вели функционерот, обидувајќи се да нагласи дека членките на НАТО стојат зад Украина.