Владата ќе побара мислење од жителите на Гевгелија за изградба на хидроцентралите на Кожуф

За изградбата на хидроцентралите на реката Добошница на планината Кожуф ќе се побара мислење од страна граѓаните, најави денеска од Гевгелија премиерот Димитар Ковачевски, кој одговараше на прашањето дали Владата ќе ја повлече одлуката за изградба на овие хидроцентрали. Посочи дека се работи за хидроцентрали, за коишто законската постапка е започнати 2016 или 2017 година.

-Значи прeд веќе шест, седум години и согласно со закон инвеститорите имаат добиено дозвола да можат таму да градат хидроцентрали. На барање на населението кои се против изградба, министерката за екологија имаше состанок, тие беа информирани дека таа постапка е водена со години и е завршена согласно со законските процедури. И дека раскинувањето на договорот значи плаќање на пенали и обештетување на инвеститорите, бидејќи тие добиле дозвола согласно со закон, согласно со законски водена процедура, вели Ковачевски.

Но, тој смета дека исто така треба да се почитува и мислењето на граѓаните.

  • Ме зачудува нешто друго како тоа во 2016 не се почитувало. Или немале можност тоа да го кажат граѓаните или не го кажале. Ги немам тие информации. Меѓутоа еве бидејќи ние сме демократска Влада, секогаш ги сослушува граѓаните во однос на сите проблеми и согласно со тоа ќе се носат одлуките, додаде Ковачевски.

Забележа дека треба да се знае оти раскинување на таков договор со инвеститор кој согласно со Закон во текот на шест, седум години обезбедил дозвола може да се направи само преку обештетување.