Владика Јаков: За донесувањето на Законот за родова еднаквост треба да се организираат сеопфатни дебати
Се согласивме дека предлог Законот за родова еднаквост предизвикува интерес, но и несогласување од тоа каков што е и од пошироката јавност и треба да се организираат сеопфатни дебати кадешто ќе биде вклучена пошироката јавноста, а особено стручната, изјави денеска викарниот епископ Јаков, по телевизиското гостување на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и средбата со неа во Струмичката епархија на МПЦ-ОА.
Додаде дека е радосен за подготвеноста за разговор, дијалог и дебата, нешто што, всушност, било главна забелешка по предлог законот во ваква форма.
-Сакам сосема јасно и децидно да кажам дека не станува збор за никакво усогласување по однос на предлог законот каков што е и апсолутно стојам зад сите забелешки што ги изнесов во моето излагање на трибината и потоа во телевизиското гостување, истакна Владиката Јаков.
Инаку, по предлог законот за родова еднаквост, меѓу другото, се разговараше на трибината на Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија, која се одржа на 17 овој месец на тема „Зошто не за сексуалното образование во училиштата“. Потоа следуваа неколкудневни препукувања на социјалните мрежи и интервјуа и изјави на Епископот Јаков и министерката Тренчевска.