ВМРО-ДПМНЕ побара од Џафери да се гласа за потребата од уставни измени

Опозицијата денеска и официјално побара од собранискиот спикер, да се стави на гласање потребата од уставни измени. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, бара да не се одолговлекува процедурата и да се свика продолжение на 123-та седница, која беше прекината на 18 август, без да се гласа.

Тие бараа гласање уште на самата седница, но и веднаш по завршувањето на 10-те работни дена, откако беше отворена постапката и завршена расправата. И поранешниот спикер Трајко Вељановски му пиша на Џафери дека, доколку не излезе во пресрет на барањето на минимум 20 пратеници и не закаже продолжение на седницата прави лоша практика и го изместува целосно политичкиот систем.

Но, од собранискиот спикер повторно нема одговор. Останува на претходно искажаниот став дека ќе ја свика седницата кога ќе се обезбеди двотретинско мнозинство. Има поддршка и од премиерот кој, пак, не сака да открие колку точно пратеници му фалат за мнозинство, но е оптимист дека на крајот ќе гласаат сите.Спротивно од ова, и опозициските партии на Албанците кои беа „за„ уставни измени, сега го условуваат гласањето. Во телевизиско интервју, Изет Меџити, од новата партија Демократско движење, најави дека нема да дадат поддршка доколку Албанците не станат државотворен народ.