ВМРО се откажува од „пржинска влада“, но тешко ќе ги помати сметките на ДУИ и СДСМ за технички премиер!

ВМРО-ДПМНЕ бара укинување на техничката влада, која, според Пржинскиот договор, се формира со технички премиер од власта, како и министри за внатрешни работи и труд и социјала и дополнителни заменици-министри од опозицијата во ресорите поврзани со изборниот процес – земјоделство, администрација.

Иако на пржинската влада треба да инсистира опозицијата, бидејќи на тој начин го детронизира актуелниот премиер, добива 2 битни ресори и врзан потпис во уште неколку министерства, најголемата опозициска партија се откажува од оваа можност, за да ги помати сметките за именување на премиер Албанец.

Досега, двете најголеми партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по еднаш номинирале технички премиер (Емил Димитриев и Оливер Спасовски), но во следната техничка влада тоа треба да го стори ДУИ, согласно договорот меѓу Али Ахмети и Зоран Заев за формирање на актуелната влада.

Како што изјави синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, неприфатливо е ДУИ да номинира технички премиер, бидејќи, како што рече, оваа партија во последно време е во центарот на скандалите.

–Не гледам каков квалитет тој премиер може да донесе и каква додадена вредност. Второ, ценам дека земја што пледира да биде дел од ЕУ, мора да покаже малку одговорност и зрелост. Ние треба да покажеме дека сме зрели – рече Мицкоски на Канал 5.

Денес, неговиот сопартиец и пратеник Миле Левков изјави дека се спремни да се откажат од техничка влада, само, како што истакна, ДУИ или „дувлото на криминалот“ да нема технички премиер. Тој посочи дека техничките влади се крајно неефикасни и нефункционални.

– Време е Македонија да има функционални влади. Граѓаните и државата не треба да ја плаќаат цената на политичките пазарења – порача тој.

Во однос на оваа тема, пратеничката од СДСМ, Лидија Тасевска, пак, рече дека на лидерската средба што ја најави премиерот Димитар Ковачевски ќе се разговара за сите прашања поврзани со изборите.

–Формирани се работни групи што интензивно во овој период ќе разговараат за сите процеси што се потребни за нормално одвивање на изборниот процес. Премиерот Ковачевски веќе најави дека во Собранието ќе има средба со сите претставници на партиите – рече Тасевска.

Што се однесува до Ковачевски, тој пред неколку дена рече дека техничката влада во последните 100 дена од мандатот е обврска во согласност со Законот за влада. Тој нагласи дека концептот на „пржинска влада“ е договорен во услови кога Македонија била оценета како „заробена држава“.

–За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ги почитува коалициските договори. Сме имале премиер Влав, Македонци кои успешно ја воделе владата. Секој што е професионалец може да води влада, особено во технички мандат кога треба да се спроведат изборите – смета премиерот.

Во меѓувреме, високи функционери на ДУИ повторуваа дека во последните 100 дена од мандатот премиер ќе биде Албанец, предложен од ДУИ. Во тој контекст, првиот вицепремиер Артан Груби изјави:

„Кандидатот за премиер Албанец ќе го предложи лидерот на ДУИ Али Ахмети и сигурно нема да згреши во изборот. Во коалицискиот договор со Заев стои дека во последните 100 дена од мандатот, тој ќе биде заменет со Албанец. На првата средба Ковачевски вети дека договорот важи…“.