Волстрит џурнал: Полска ја блокира кандидатурата на данската премиерка за функцијата генерален секретар на НАТО
Полска ќе се спротивстави на именувањето на данската премиерка Мете Фредериксен за нов генерален секретар на НАТО, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на свои европски извори.
Според овие извори, Варшава смета дека изборот на Фредериксен не е во согласност со потребите на Алијансата во контекст на руската инвазија на Украина. Тоа значи дека таа нема да има шанса, бидејќи изборот на генерален секретар на НАТО се врши со консензус.
Полската страна инсистира дека новиот генерален секретар треба да дојде од земја на источното крило на НАТО, по можност од поранешна република на СССР, што би испратило сигнал до Москва. Во таа насока, некои предлагаат кандидатура на естонската премиерка Каја Калас.
Покрај тоа, Варшава, исто така, изразува сомневање дали Данска ги исполнува критериумите на Алијансата за трошоците за одбраната.
Во мај, властите на кралството ветија дека ќе инвестираат повеќе од 20 милијарди долари во националната одбрана во следната деценија, што треба да и овозможи на земјата да ги достигне потребните два отсто од БДП наменети за одбрана, согласно барањата на НАТО.