Во Берово презентирани активните мерки од ИПАРД Програмата

Телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска во Бизнис инкубаторот во Берово организираше настан за претставување на кампањата за  запознавање и доближување на можностите за користење на средства  од ИПАРД Програмата до потенцијалните корисници.

На настанот  присуствуваа претставници на Телото за управување со ИПАРД и претставници на Агенцијата за Финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој кои истакнаа дека ИПАРД Програмата има многу голем опфат во сите економски гранки, преку трите акредитирани мерки за користење на средства, за инвестиции преку европскиот ИПАРД фонд.

-Денеска сме во Берово како дел од кампањата за претставување на ИПАРД Програмата, а бидејки сме на крај на спроведување на програмскиот период 2014-2020 и од таа програма ја претставуваме Мерката 3 и уште еден јавен повик кој што следува во наредниот период, а тоа е Инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски и други производи. Оваа мерка по тој јавен повик, се очекува некаде кон крајот на јуни и почетокот на јули месец, а ќе може да се аплицира само за набавка на опрема, рече Александар Антески, од Министерството за земјоделство, шумарст о и водостопанство.

Во однос на новата ИПАРД програма 2021-2027 година, како што додаде се очекуваат јавни повици, односно јавен повик, на кој ќе бидат објавени две мерки, Мерка 1 и Мерка 7, во истиот период како и Мерка 3 од старата ИПАРД Програма.

-Тоа значи дека ќе имаме можност за инвестиции, по сите три инвестициски мерки дали од Ипард 2 или од Ипард 3 Програмите. Денес конкретно ќе ги претставиме инцестициите по однос на мерка 3, од ИПАРД Програмата на земјоделски производи, за потоа да продолжиме со Мерка 1 и мерка 7 од новата Програма. Колегите од Агенција ќе ги презентираат постапките и  начинот на аплицирање за мерките до финална исплата и на крај ќе имаме прашања и разговори колку земјоделците поединечно имаат интерес за некој типичен проект, додаде Антески.

Изрази надеж дека денешната презентација ќе биде корисна и потенцијалните корисници ќе изнајдат начин на кој ќе можат да ги користат средствата од ИПАРД Програмата, кое нешто ќе донесе нови инвестиции во земјоделството и во производните компании.

Освен во Берово, промотивната кампања за претставување на ИПАРД можностите ќе биде претставена и пред земјоделските производители од Пехчево.