Во Виница одбележана годишнината од загинувањето на армискиот капетан Кирчо Димитриов

– Поминаа 22 години од денот кога кај караулата во близина на селото Танушевци загина капетанот на АРМ, Кирчо Димитриов од Виница. По тој повод, на неговата биста пред општинската зграда, денеска се одржа свеченост на која му беше оддадена почит.

Организатор на одбележувањето беше Организацијата на резервни офицери (ОРОРСМ), при што се одржа панихида, а членови на семејството, претставници од Армијата, од Општина Виница, како и од институции и ученици положија свежо цвеќе.

-Со загинувањето на капетанот Димитриов, нашата земја изгуби човек, но доби граѓанин за пример. Не стивнуваат емоциите, во кои се испреплетува доза на огорченост и револт од неправедната смрт на 75 припадници на македонските безбедносни сили, меѓу кои е и нашиот сограѓанин. Тие загинаа, но ќе живеат вечно во макеоднската историја, затоа што хероите не умираат. Сочувствуваме со болката на семејствата, но горди сме со херојскиот чин на нивните синови, а Македонија нема да ги заборави своите бранители, истакна градоначалникот на Виница, Миле Петков.

Од Организацијата на резервни офицери истакнаа дека спомените за 33-годишниот капетан Димитриов, кој беше командир на Третата моторизирана чета, остануваат во колективната меморија на неговите соборци и сите жители на виничкиот крај.

-И покрај тагата, делото и жртвата на нашите млади бранители никогаш нема да бидат заборавени, затоа што не постои поголема доблест од тоа да се даде сопствениот живот за татковината. Младите генетрации денес треба да се учат и воспитуваат како се сака, се гради и се брани својата земја, истакна Гоце Георгиев, претседател на извршниот одбор на ОРОРСМ – Виница.

Во знак на почит кон капетанот Кирчо Димитриов, годинава по десетти пат ќе се одржи традиционалниот турнир во мал фудбал, на кој ќе учествуваат петнаесетина екипи од државата.