Во вооружен напад убиен претседателскиот кандидат Виљависенсио

 – Кандидатот за претседател на Еквадор, Фернандо Виљависенсио, познат по својот „став против корупцијата“ пред претседателските избори закажани за 20 август, почина откако беше тешко ранет во вооружен напад.

Лицата што ја воделе неговата предизборна кампања за локалните медиуми потврдија дека Виљависенсио е убиен со три куршуми во глава додека влегувал во својот автомобил по настан на кој присуствувал во главниот град Кито.

Главниот обвинител на Еквадор изјави дека осомничениот што го извршил нападот бил застрелан во престрелка со безбедносните сили и им подлегнал на повредите.

Наведено е и дека во нападот се повредени девет лица, меѓу кои еден кандидат за пратеник и двајца полицајци.

Претседателот Гиљермо Ласо потврди дека Виљависенсио е убиен, посочувајќи дека зад убиството стои „организиран криминал“, што се случи на помалку од две недели пред претседателските избори.

„Можам да ве уверам дека ова злосторство нема да остане неказнето. Криминалните групи отидоа предалеку, но ќе ја почувствуваат целата тежина на законот“, рече Ласо.

Во акциите што ги спроведе полицијата на Кито уапсени се шест лица осомничени дека се поврзани со инцидентот.

Виљависенсио претходно изјави дека добил голем број смртни закани, вклучително и од водачите на мексиканскиот „Синалоа картел“, една од меѓународните организирани криминални групи што дејствуваат во Еквадор.