“ПОВЕЌЕ НЕ СМЕ САМИ!“ – Србија и Унгарија потпишаа договори за стратешко партнерство – Александар Вучиќ се пофали: “Ова е историски чекор“

Претседателите на Унгарија и Србија во вторникот во Палиќ, кај Суботица потпишаа меѓудржавни договори од областа на одбраната, внатрешните работи и енергетиката и изјавија дека соработката меѓу двете земји е на историско највисоко ниво.

Договорите беа потпишани, како што објави српската медиумска агенцијата Танјуг, по првата седница на Стратешкиот совет за соработка меѓу Србија и Унгарија, на која присуствуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателката на УнгаријаКаталин Новак, како и премиерите Ана Брнабиќ и Виктор Орбан.

Александар Вучиќ изјави дека е направен историски чекор со формирањето на Стратешкиот совет за соработка меѓу двете земји.

Политичките, економските и односите меѓу луѓето се на историски максимум“, изјави претседателот на Србија и додаде дека трговската размена е 3,65 милијарди евра, пет пати повеќе од пред 10 години.

Сакам луѓето во Србија да знаат дека секогаш кога ќе има дискусија во кое било европско тело, знам дека Унгарците ќе бидат со нас и ќе покажат почит кон нивните српски пријатели“, изјави Александар Вучиќ на прес-конференција, пренесува Танјуг.

Тој нагласи дека Унгарците и Унгарија секогаш можат да сметаат на Србија и на граѓаните на Србија, кои секогаш ќе бидат лојални, добри пријатели и многу доверливи во ситуации кога не е лесно.

Александар Вучиќ му се заблагодари на унгарскиот државен врв како и на претседателот на Сојузот на војводинските Унгарци (СВМ), Иштван Пазтор, за напорите што ги вложува во развивањето на односите што ги имаат двете земји денес.

Во оваа прилика, унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Србија е клучна земја на Западен Балкан, а Унгарија е „портата“ кон Европа и дека двете земји имаат „фантастични можности“.

Србија не е во НАТО и ЕУ, Унгарија е, Србија е православна земја, а Унгарија е римокатоличка земја. Ние сме во централна Европа, а Србија е на Балканот. Но, овие разлики додаваат вредност на нашата соработка, бидејќи заедно имаме на располагање огромна енергија, која можеме да ја вложиме во интерес и подобрување на положбата на нашите народи“, изјави Виктор Орбан.

За тензиите на Косово, тој кажа дека смета оти Србија треба да ги врати во нивната земја тројцата неодамна уапсени косовски полицајци.

Со почит ве замолувам, драг Александар, добро да размислите за тоа. Мислам дека би било добро да ја послушате препораката на Унгарија, да ги вратите на Косово, што ќе ви помогне да ја подобрите вашата позиција. Затоа ве замолувам да размислите“, му се обратил Виктор Орбан на Александар Вучиќ, пренесува Танјуг.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека двете земји долго работеле на подготовка на Стратешкиот совет за соработка и дека потпишувањето на договорот е знак дека – „Србија повеќе не е сама, во Брисел, како и во која било организација“.

На состанокот на државниот самит на Унгарија и Србија, министрите на двете влади меѓу другото потпишаа договори за размена и заемна заштита на тајните податоци, контрола на граничниот сообраќај, експертска помош за преговорите за пристапување на Србија во ЕУ и подобрување на стратешката соработка во областа на одбраната, електронска размена на податоци меѓу царинските управи на двете држави.

Претставниците на двете соседни земји во изминатите години имаат чести средби, развиена економска и политичка соработка, како и договорени позиции за низа надворешнополитички прашања, поради што се нагласува дека односите се на историски максимум.

Владите на Србија и Унгарија неколкупати одржаа заеднички седници, од кои првата се одржа во јули 2014 година.