Црна Гора: Претседателот Милатовиќ го предложи Спајиќ за мандатар за состав на Владата

– Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, ќе му предложи на Собранието, мандатарот за состав на новата Влада да биде лидерот на Движењето „Европа сега“, Милојко Спајиќ.

Милатовиќ го соопшти ова на прес-конференција во Цетиње, откако во изминатите десет дена одржа консултации со претставници на 18 политички субјекти застапени во Парламентот.

Движењето „Европа сега“ на парламентарните избори во јуни освои најмногу гласови и ќе има 24 пратеници во Собранието.

Спајиќ, според Уставот, по добивањето на мандатот има рок од три месеци да обезбеди поддршка од најмалку 41 пратеник и да формира Влада.

„Во текот на консултациите се искристализира само еден предлог на кандидат за мандат за состав на 44. Влада на Црна Гора, а тоа е носителот на листата ‘Европа сега’ на последните парламентарни избори – Милојко Спајиќ. Господинот Спајиќ беше поддржан од политички субјекти кои имаат вкупно 44 пратенички места во Собранието на Црна Гора, и тоа Движењето ‘Европа сега’, Демократска Црна Гора, Бошњачката партија, Социјалистичката народна партија, Албанската алтернатива, Демократскиот сојуз на Албанците, Демократската унија на Албанците, Нова демократска сила ФОРЦА и Хрватската граѓанска иницијатива. Одреден број политички субјекти, во првиот ред од коалицијата „За иднината на Црна Гора“, истакнаа подготвеност да го поддржат Спајиќ по евентуалниот договор за идната Влада“, соопшти Милатовиќ.

Црногорскиот претседател изјави дека ова означува почеток на следната фаза, која подразбира постигнување политички договор и формирање парламентарно мнозинство кое ќе ја избере Владата.

„Очекувам од господинот Спајиќ како иден мандатар, но и од сите политички актери кои учествуваат во преговорите околу формирањето на Владата, одговорност и експедитивност. Како претседател на Црна Гора, сметам дека на Црна Гора во овој момент ѝ е потребна стабилна политичка Влада, неспорни европски и реформски профилации, чии конституенти во Собранието на Црна Гора решително ќе придонесат за реализација на сите потребни назначувања во правосудството, ќе отворат дијалог за изборната реформа и ќе дејствуваат ефикасно кога станува збор за иницијативи важни за подобрување на владеењето на правото, подобрување на животниот стандард и забрзување на европскиот пат. Самиот процес на преговори за идната Влада го гледам како инклузивен процес, во кој гласот на ниту еден граѓанин нема однапред да биде обезвреден, во контекст на формирањето на идното парламентарно мнозинство. Му посакувам успех на господинот Спајиќ во неговите напори за формирање стабилна и стручна Влада, која ќе може да се справи со клучните предизвици со кои се соочува црногорското општество. Како претседател на Црна Гора, ќе ги следам преговорите за конституирањето на идната Влада со посебно внимание до финализирање на целиот процес“, рече Милатовиќ.