Во екот на војната во Украина: Метростаниците во Харков се претворени во основни училишта

Во екот на војната во Украина учениците во Харков го продолжуваат своето образование во импровизирани училници во метростаниците.

Харков и понатаму е честа цел на руските ракетни напади, поради што метростаниците се приспособени да одржуваат настава за повеќе од илјада основци. Локалната власт во Харков обезбеди и храна за учениците, како и превоз и придружба до дома.

Директорката на Одделот за образование при градската управа на Харков, Олга Деменко изјави дека училиштата станале цел на руски напади на почетокот на војната и дека наставата низ Украина главно се одвива онлајн.

Истакнувајќи дека наставата за основците во метростаниците во Харков започна овој септември, Деменко рече дека вкупно 1.080 ученици, поделени во 64 паралелки, следат настава во пет станици.

„Средношколците се навикнаа на онлајн настава и способни се да ја следат, но на малите им е потребна социјализација на училиште. Меѓу 64 паралелки имаме 26 паралелки во прва година. За нив наставата е многу важна“, објасни Деменко.

Покрај наставниот кадар, во овие училишта се вработени и психолози, здравствени кадри и припадници на безбедносните сили.

„Ние сме принудени на овој начин да ги воспитуваме децата што се иднината на Украина. Се надеваме дека војната ќе заврши и ќе се воспостави мир, а децата ќе бидат вратени во училниците“, заклучи Деменко.

Наставничката Наталија Петренко истакна дека голем број основци избегале од Украина со своите семејства, но дека за нив е организирано и вечерно училиште во онлајн форма.

„Важно е децата да ги вратиме во училниците и тие да имаат соодветни услови овде и да се среќни. На почетокот родителите беа загрижени, но сега се уверија дека наставата е добро организирана“, вели Петренко.

Педијатарот Лилија Богдан е ангажирана во едно од училиштата во метростаниците и задолжена е да го следи здравјето на учениците.

„Ги надгледуваме децата, правиме редовни контроли. Децата се чувствуваат добро овде. Тие се весели и расположени“, изјави Богдан.