Во Косово еден починат и 67 заболени од Ковид-19 во изминатите две недели

Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК) објави денеска дека во изминатите две недели, односно од 30 август до 12 септември, во земјета се регистрирани еден смртен случај и 67 заболени од Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според податоците на  ИКШПК, најмногу позитивни на вирусот резултирале од возрасната група меѓу 50 и 59 години (16 случаи) и од 60 до 69 години (15 случаи), додека просечната старост на новозаболените е 52 години.

– Од потврдените случаи со Ковид-19, по општини резултира дека најголем број пријавени случаи се од Приштина (25), потоа од Пеќ (осум) и Ѓаковица (седум случаи), а најголема зачестеност е забележана во Приштина со 13 случаи на 100.000 жители и во Качаник со 12 случаи на 100.000 жители, се вели во соопштението на ИКШПК.

И покрај забележаните случаи на заразени во последно време, заклучува ИКШПК, епидемиолошката ситуација со Ковид-19 во Косово останува мирна, а граѓаните кои ќе забележат знаци на инфекција се упатуваат да се тестираат и да се консултираат со лекар за секаков сомнеж во однос на Ковид-19.