Во Косово пристигна турскиот контингент во составот на КФОР

– Турскиот контингент пристигна во Косово во рамките на мисијата на КФОР што ја предводи НАТО.

Како што соопштија од КФОР, турскиот контингент ќе ја замени единицата на италијанските трупи што претходно беше распоредена како дел од Резервните сили доделени на КФОР.

„Распоредувањето на турскиот контингент ја одразува цврстата посветеност на КФОР да продолжи да осигурува безбедна средина за благосостојбата на сите заедници што живеат во Косово и слободата на движење, во секој момент и непристрасно, во согласност со својот мандат заснован врз Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година“, се наведува во соопштението.

Се додава дека тоа, исто така, е уште една конкретна демонстрација на континуираното ангажирање на НАТО за трајната безбедност на Косово и стабилноста на целиот Западен Балкан.