Во првите три месеци од годинава Албанија забележала 354 милиони странски инвестиции, што е за 47 милиони евра повеќе споредено со истиот период минатата година.
– Турција е најголемиот странски инвеститор. Во периодот јануари-март 2024 година, турските инвестициски текови се значително зголемени, достигнувајќи го нивото од 69 милиони евра. По напуштањето на телекомуникацискиот сектор, турските компании продолжуваат да играат важна улога во финансиската, енергетската и екстрактивната индустрија, објавија медиумите.
Податоците покажуваат дека втор по големина странски инвеститор годинава е Италија, 41 милион евра. Италијанските бизниси главно се фокусирани во услужниот сектор.
Трети се претпријатијата со австриски акционери со инвестиции вредни 34 милиони евра, кои се концентрирани особено на осигурителниот пазар, во енергетскиот сектор, во хотелските и градежните услуги.
Во меѓувреме, интересен податок е фактот дека холандските странски инвестиции се позиционирани на четвртото место, губејќи ја доминацијата што ја имаа во последните години.
Во првиот квартал од годинава холандските странски инвестиции се со вредност од 25 милиони евра, а потоа следува Косово кое инвестирало 20 милиони евра. Косовските инвестиции главно се концентрирани во трговијата и градежниот сектор.