Приходите од продавањето на овие производи ќе бидат донирани за жртвите од земјотресот во Туркије.
Во Скопје се одржува кермес, односно хуманитарен базар за солидарност со Туркије со цел собирање донации за лицата погодени од земјотресите во јужниот дел на Туркије.
Кермесот што е отворен денес, ќе трае до 16 февруари, а на него младите ученици и студенти продаваат различни специјалитети што се подготвени од страна на нивните семејства.
Приходите што ќе се реализираат од продавањето на овие производи ќе бидат донирани за жртвите од земјотресот во Туркије.
Граѓаните покажаа интерес за овој кермес, а дел од нив донираа парични средства без да земат од понудените јадења.
Кермесот е организиран во Стара скопска чаршија од страна на Здружението за култура, уметност и образование „Ќопру“ со седиште во Скопје.
Претседателот на ова здружение, Хусрев Емин, во изјава за медиумите истакна дека приходите од овој кермес ќе бидат испратени за лицата погодени од земјотресите во Туркије.
Емин потсети дека бројни државни институции, како и организации од невладиниот сектор, обезбедуваат помош и донации за Туркије.
„Учениците и студентите кои се активисти во нашето здружение, тука продаваат јадења кои ги подготвиле дома. Тие имаат за цел приходите да ги испратат за лицата погодени од земјотресите. Кермесот ќе биде отворен 3 дена, од 11 до 16 часот. На последниот дел ќе се собираат приходите и ќе бидат испратени преку жиро-сметката отворена за лицата погодени од земјотресот од страна на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ)“, рече Емин.
ТРТ Балкан