Во Скопје, тимот на Брза помош има близу 150.000 повици годишно

Вкупно 52 тимови од лекар, сестра и возач недостигаат во Службите за итна медицинска помош во земјава за да се задоволи законскиот минимум. Најалармантна е состојбата во Скопје каде за нормално функционирање “фалат” дури 18 екипи, во Тетово 10, а во Куманово и Струга по 5 тимови, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Од друга страна во Битола, Делчево, Кичево и Кочани има повеќе од минимум потребните. Во моментот во државата има вкупно 258 екипи за Брза помош.

Со тоа се поставува прашањето дали се прекршува правото на граѓантие за итна помош? Во изминативе 8 години, наместо да се зголемува, бројот на екипи се намалил за 22, вели Герман Филков од ЦГК. Според него најголемо оптоварување има во Скопје, град кој преку работна година е блиску до 1 милион жители, а каде недостасуваат најмалку 18 екипи за брза помош.