Во средината на годината, Индија ја престигнува Кина во однос на населението за речиси 3 милиони луѓе

ИНДИЈА ќе ја надмине Кина според бројот на жители до средината на годината за речиси три милиони луѓе, покажуваат денеска објавените податоци од Обединетите нации.

Се проценува дека до средината на оваа година во Индија ќе има 1,4286 милијарди луѓе, а во Кина 1,4257 милијарди, што е за 2,9 милиони помалку од соседната земја, се вели во извештајот на Фондот за население на ОН (УНФПА) за оваа година.

На трето место, но со значително помал број жители, се САД со 340 милиони жители на крајот на јуни. 

Иако Индија и Кина имаат најголемо население во светот, нивниот пораст на населението опаѓа

Претставници на ОН рекоа дека не е можно да се одреди точниот датум кога Индија ќе ја престигне Кина поради неточноста на податоците од двете земји. Последниот попис на населението во Индија беше во 2011 година, а планираниот за 2021 година беше одложен поради пандемијата на Ковид-19. 

Иако двете земји заедно сочинуваат една третина од 8,045 милијарди луѓе во светот, нивниот пораст на населението опаѓа, значително побрзо во Кина отколку во Индија.

Населението на Кина се намали минатата година за прв пат по шест децении, историски пресврт, по што се очекува долг пад на населението со големи последици за нејзината економија и светот. 

Годишниот раст на населението во Индија во просек изнесува 1,2 отсто од 2011 година, што е намалување од 1,7 отсто една деценија порано.