Во Трст денот стана ноќ: Апокалиптични сцени од невреме на северот на Италија, за 20 минути центарот на градот го поплави огромна вода (фото/видео)

Центарот на Трст денеска беше поплавен откако врнежи и невреме го погодија овој пристанишен град на североистокот на Италија, а голем број граѓани и туристи се засолниле во угостителски објекти на и околу крајбрежниот плоштад Италијанско Единство.

Силните ветрови однесоа многу од масите на кафулето и другиот мебел на отворено. Невремето донесе огромно количество вода во центарот на градот во рок од 20 минути, по што небото се расчисти.

Хрватскиот весник 24.hr пишува дека северна Италија и денеска се соочува со многу силно невреме, а многу региони се погодени од дождови, грмежи, силен ветер и лизгање на земјиштето.

Висок водостој е забележан и во Венеција.

Од другата страна на земјата, во северозападниот регион Пиемонт, пожарникарите и полицијата мораа да интервенираат за да ослободат неколку автомобили затрупани во снегот на планинскиот премин Colle dell’Angelo во близина на градот Кунео на границата меѓу Италија и Франција.

Повредени нема, возилата подоцна се спуштиле во долината, но патот останува затворен.

Критична беше ситуацијата и во Ломбардија, каде поради поплавите беа евакуирани десетина луѓе.

Големо невреме со обилни врнежи, ветер и град ги зафати и западните делови на Словенија.