Во Шведска повторно запален примерок на Куранот

 Салван Момика, ирачки бегалец кој живее во Шведска, вчера го осквернави Куранот во главниот град Стокхолм, во уште еден напад врз светата книга на муслиманитe.

Момикa, на кој му помагал Салван Наџем од ирачко потекло, го осквернави Куранот под полициска контрола пред иранската амбасада.

Тој ги исчисти чевлите со фотографија од иранскиот претседател Ебрахим Раиси и знамето на Иран, а потоа застана на примерок на Куранот и покрај негодувањето на присутните граѓани.

Момика потоа запали примерок од Куранот, знамето на Иран и фотографија на Раиси.

На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа дека во еден момент непозната жена интервенирала со противпожарен апарат, но полицијата ја запрела и ја привела.

Момика и Наџем со блиндирано полициско возило го напуштиле местото на настанот, а ги следеле околу 100 полицајци.

Во последните месеци имаше неколку случаи на палење и сквернавење на Куранот од страна на исламофобни поединци или групи, особено во северноевропските нордиски држави.