Мнозинството Германци се против испорака на крстосувачки ракети во Украина

Повеќе од половина Германци се против испораката на ракетите Таурус во Украина, покажа новото истражување.

Анкетата на јавниот радиодифузен сервис АРД покажа дека 52 отсто од Германците се противат на испораката на крстосувачки ракети во Украина бидејќи тие може да се користат за напаѓање на цели во Русија.

Околу 36 отсто се изјаснија за испорака на ракетите Таурус, кои се заеднички произведени од Германија и Шведска, со дострел од повеќе од 500 километри.

И покрај зголемениот притисок од Украина, канцеларот Олаф Шолц досега беше претпазлив околу испораката на ракетите Таурус, плашејќи се дека тоа може да ја направи Германија страна во конфликтот со Русија.

Весникот „Дер Шпигел“ минатата недела објави дека Владата разгледува неколку опции и може да се согласи да прати ракети Таурус по некои технички модификации за да се осигури дека ракетите нема да се користат за напад на руска територија.