Во Штип утре ќе се одржи Супериор трка, највени над 500 учесници

 Учесници од Холандија, Америка, Турција, Грција и Словенија ќе трчаат на „Супериор трка“, која в недела првпат ќе се одржи во Штип. Станува збор за трка на рамна патека на пет и десет километри, која е од општествено-одговорен карактер.

Дејан Ѓошев, претседател на Здружание на граѓани  „Супериор – Стани, трчај“ – Штип најавува над 580 учесници.

– Продолжува надолу кон хотелот „Оаза“, Паркот на Евреите, црквата „Св. Никола“, новиот споменик на „Свети Кирил и Методиј” на кружниот, одејќи надолу кон Ректоратот и Ново Село, каде на регионалниот пат се врти полукружно и се враќаме назад низ срцето на Ново Село по калдрмата, преку Ново Село продолжуваме по течението на реката Отиња, поминуваме покрај општинската зграда, ООУ „Ванчо Прќе“, Судот, одиме кон паркот „Јаја“, кај мостот кај Полицијата и се враќаме назад. Тоа е на 5 километри, за 10 километри го правиме истиот круг двапати, вели Ѓошев.

Настанот е со поддршка на Општина Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека е важно да се биде дел од овој настан и со тоа да се испрати значајна порака.

-Оваа трка има голема симболика. Се испраќаат пораки за мотивација на популацијата за здрав начин на живот, но исто така се испраќа и силна порака – ако животот е трка, да се бориме сите за подобар живот во нашата Општина. Да се тркаме за Штип, да ги мотивираме сите млади луѓе, сите учесници во оваа градска трка, да останат да творат, да живеат овде, за подобар живот за идните генерации, вели Јорданов 

Освен трката на пет и десет километри, случување ќе има за сите оние кои сакаат да го поддржат настанот со своето присуство. Организацијата предвидува и музичко уживање со познати музички имиња.

-Ве поканувам сите што може да дојдете, да нѐ поддржите, да излезете в недела, на 30., почетокот е од 10:00 часот. Меѓутоа, ќе имаме целосен настан со локални штипски изведувачи за најмладите, па и за постарите со култни бендови, додава Ѓошев.

Од Здружението „Супериор – Стани, трчај“ се извинија на сите возачи за попречувањето на сообраќајот во текот на тие два часа додека трае трката. Посочија дека трката е со цел да се развие култура преку нешто што од светот ќе се пренесе и кај нас.