Ердоган: Сè уште не е одреден датумот за посетата на Путин на Турција

 – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за претстојната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Турција, изјави дека датумот сè уште не е одреден, но разговорите продолжуваат со надеж дека Путин ќе ја реализира посетата во август.

„Датумот не е одреден, но министерот за надворешни работи, шефот на разузнавачката служба, водат разговори“, изјави Ердоган за новинарите по петочната молитва во Истанбул.

„Во рамките на овие разговори сметам и се надевам дека оваа посета ќе се случи во август“, додаде Ердоган.

Изјавата на Ердоган следува по неговиот телефонски разговор во средата со рускиот претседател Путин, во кој тие се договорија Путин во наредните денови да ја посети Турција.

Ердоган, исто така, во разговорот со Путин истакна дека Турција ќе продолжи со своите интензивни напори и дипломатија за продолжување на Црноморскиот договор за жито.

На 17 јули Русија го суспендира своето учество во Договорот, кој го потпиша во јули 2022 година заедно со Турција, Обединетите нации и Украина, за продолжување на извозот на жито од украинските пристаништа во Црно Море, прекинат по почетокот на руско-украинската војна во февруари. Москва се пожали дека рускиот дел од Договорот не се спроведува.

Турција, меѓународно пофалена за нејзината единствена улога на посредник меѓу Украина и Русија, континуирано ги повикува Киев и Москва да стават крај на војната преку преговори.