Хунтата во Нигер ги поништи договорите за воена соработка со Франција

 – Хунтата во Нигер доцна синоќа поништи неколку договори за воена соработка со Франција, ставајќи ја во неизвесност судбината на воената база на поранешниот колонијален господар на западноафриканската земја.

Амаду Абдрамане, портпарол на Националниот совет за заштита на земјата, на националната телевизија прочита изјава во која се укинуваат пет договори за воена соработка со Франција, од кои еден датира од 1977 година.

Група војници што себеси се нарекуваат Национален совет за заштита на земјата излегоа со изјава на државната телевизија на 26 јули, непосредно по приведувањето на претседателот Мухамед Базум, и рекоа дека го презеле тој чекор поради „влошената безбедносна ситуација и лошото владеење“.

Аналитичарите велат дека поништувањето на договорите не било изненадување бидејќи вчера антифранцуски демонстранти се собраа пред француската Амбасада.

Доцна синоќа хунтата го прекина работењето на двата државни француски меѓународни медиума во земјата, Телевизијата Франс 24 и Радио Франс Интернешнал.

Франција има голема воена база во Нигер со околу 1.000-1.500 војници, која игра клучна улога во операциите на Франција во проблематичниот регион Сахел, борејќи се против милитантите поврзани со ДЕАШ и Ал Каеда.

Француската база во Нигер доби поголемо значење за Франција по повлекувањето од соседните Мали и Буркина Фасо.

Под водство на соборениот претседател Базум, Нигер беше последниот останат сојузник на Франција во регионот Сахел во војната против тероризмот.

Француската Влада се нема огласено за одлуката на хунтата да ги поништи воените договори. Но француското Министерство за надворешни работи доцна синоќа ја осуди хунтата за суспендирање на операциите на нејзините медиуми во земјата.

„Франција ја потврдува својата постојана и решителна посветеност на слободата на печатот, слободата на изразување и заштитата на новинарите“, се вели во соопштението на француското Министерство за надворешни работи.

Министерството ја критикуваше одлуката како „авторитарен чекор на репресија“ од страна на групата што изврши воен удар на 26 јули и „го зеде во заложништво избраниот претседател (Мухамед Базум)“.

Франција евакуира над 1.000 луѓе од Нигер во вторникот и средата, меѓу кои и 502 државјани од 50 други земји.

Базум беше избран за претседател на Нигер во 2021 година, прва транзиција на демократска моќ на Нигер откако се стекна со независност од Франција во 1960 година.