Во шумските пожари што ги зафатија Хаваите загинаа 36 лица

 – Најмалку 36 лица загинаа, а многумина се повредени во шумските пожари што го зафатија островот Мауи на Хаваите, во Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Анадолу.

„Додека продолжуваат напорите за гаснење на пожарите, денеска се откриени вкупно 36 жртви во активниот пожар во Лахаина“, објави округот Мауи на својата веб-страница.

Американската крајбрежна стража спасила повеќе од десетина луѓе кои скокнале во океанот за да ги избегнат пламените јазици, а екипите за пребарување и спасување работат на теренот.

Три одделни шумски пожари се проширени поради ветровите со брзина од 96 километри на час од ураганот „Дора“ во Тихиот Океан, а работата на пожарникарите е отежната поради паднатите далноводи и дрвја на патиштата.

Споделувајќи видео кое сликовито го прикажува пустошот во Кихеи и Лахаина, в. д. гувернерката на Хаваи, Силвија Лук, се огласи на Твитер: „Глетките од опустошувањето на Кихеи и Лахаина од прва рака беа потресни. Работиме неуморно за да ги осигуриме здравјето и безбедноста на секое лице.“

Лук ја активира и Националната гарда во вторникот, евакуирајќи 2.100 жители кои сега се сместени во засолништа.

Од туристите се бара да не доаѓаат на Мауи.