ФБИ: При апсење убиен маж кој упатувал закани кон Бајден

 – Маж од Јута, кој му се заканувал на американскиот претседател Џо Бајден, е убиен во пукање додека тимовите на Федералното истражно биро (ФБИ) се обидувале да го уапсат.

„ФБИ го разгледува пукањето од страна на агентите што се случи во Прово“, се вели во изјавата за Анадолу од теренската канцеларија на ФБИ во Јута.

„Инцидентот се случи кога специјалните агенти се обидоа да постапат по налозите за апсење и претрес на домот. Субјектот е починат.“

Според повеќе медиуми, осомниченото лице било идентификувано како Крег Робертсон.

Инспекторите рекоа дека Робертсон упатувал закани што се однесуваат на патувањето на Бајден во Солт Лејк Сити, велејќи дека треба да ги подготви својата маскирна облека и снајперската пушка.

Денес таму претседателот треба да присуствува на јавен настан во врска со здравствената заштита на ветераните.

„Слушнав дека Бајден доаѓа во Јута. Го извадив мојот стар костум Гил и го чистев правот од пушката М24 Снајпер“, рече Робертсон, според документите што ги добија Вашингтон Егзаминер и Ен-би-си њуз.

ФБИ соопшти дека Робертсон се заканувал и со атентат на окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег.

Претставници на Белата куќа изјавија дека претседателот бил информиран за ситуацијата пред неговата посета на Јута.

ФБИ соопшти дека рацијата е предмет на истрага од страна на Одделот за инспекција на агенцијата и дека за време на пукањето нема повредени агенти.

Робертсон, исто така, наводно објавувал закани на интернет кон поранешниот претседател Барак Обама.