Вуков го претстави автомобилот со кој ќе вози во новата сезона во Порше Суперкупот

 Македонскиот автомобилист Ристо Вуков го претстави своето ново возило за годишната сезона, со кое планира да настапува на Порше СуперКуп трките, кои се возат како увертира на Формула 1.

Возилото е во боите на новиот тим на Вуков, Омбра Рејсинг од Италија. Со овој тим минатата сезона Џанмарко Кварезмини стана шампион во италијанскиот куп.

– За прв пат го носиме ова возило во Македонија, Порше 992 ГТ3 Куп. Викендов тоа беше тука за македонската јавност, за фановите, за медиумите. Многу ми значи поддршката на публиката, драго ми е што многумина дојдоа, се сликаа со мене и со возилото, ми кажаа дека ги следат моите настапи на трките и дека очекуваат да ги израдувам со убав резултат. Тоа навистина ми ги отвара видиците и ја зацрвстува мојата релација со навивачите кои се душата на секој спорт, изјави Вуков.

Македонскиот пилот преку социјалните мрежи ја сподели и маршрутата по која денес ќе се одвива парадата на автомобилите организирана заедно со Порше Клубот во нашата земја, каде што се очекува да има повеќе учесници, а воедно да биде големо адреналинско шоу за публиката на скопските улици.