Вучиќ вели дека постигнал договор со Франција за купување борбени авиони

Србија и Франција во вторник постигнаа договор Белград да купи 12 француски борбени авиони Рафал, објави српскиот претседател Александар Вучиќ, со цел модернизирање на воздухопловните сили на земјата.

На вториот и последен ден од посетата на Франција, Вучиќ јавно го објави договорот, по средбите со францускиот претседател Емануел Макрон и други официјални претставници во Париз.

Тој се сретна и со претставници на компанијата што ги произведува авионите Рафал, Дасо Авијација.

Франција допрва треба да го потврди договорот со Србија, која има воздухопловни сили главно составени од стари советски авиони МиГ 29 и друга опрема од југословенската ера.

Таквото купување од Србија би можело да означи отстапување од традиционалниот снабдувач на оружје Русија, со која Белград одржува топли односи.

Србија одбива да се приклучи на санкциите на Европската унија против Русија поради руската војна во Украина, и покрај тоа што е кандидат за членство во европскиот блок.

„Потпишувањето на договорот ќе се случи во рок од два месеци, во присуство на претседателот на Франција“, изјави Вучиќ за српските медиуми, пренесува Р ЕЛ , додавајќи дека Макрон ќе ја посети Србија во „следните месеци“.

Вучиќ рече дека договорот е „исклучително важен за Србија“, додавајќи дека тоа ќе отвори „други поглавја, други можности за Србија“.

Српскиот претседател не посочи колку Белград ќе плати за овие авиони.

Во февруари минатата година, Вучиќ рече дека купувањето на борбени авиони Рафал ќе претставува најголема воена набавка на Србија, „вредна 3 милијарди евра“.

Србија во последните години ја зголеми соработката со Франција на полето на одбраната.

Србија купила борбени хеликоптери од француската компанија Ербас во вредност од 105 милиони евра, два транспортни авиони Ц-295 во вредност од 66 милиони евра и потрошила уште 15 милиони евра за опрема и обука на пилоти.

Белград купил и 18 противвоздушни системи Мистрал со 50 проектили, но цената не е позната.

Според податоците на Стокхолмскиот институт за меѓународни истражувања, Србија најмногу инвестира во војската во споредба со другите земји од Западен Балкан.

Од 2018 до 2022 година Србија издвоила повеќе од 1,4 милијарди долари во овој сектор.

Вучиќ во неколку наврати споменуваше дека ќе продолжи набавката на оружје и воена опрема, а само годинава во оваа насока се издвоени 740 милиони евра.

Критичарите го предупредија Западот да не ја вооружува Србија, која ги затегна односите со Косово, чија независност – прогласена во 2008 година – продолжува да не ја признава.