Делегации на Белград и Приштина, предводени од српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска ќе се сретнат во Брисел, со цел да се разгледа спроведувањето на мартовскиот договор од Охрид.
Состанокот доаѓа во време на нови тензии по локалните избори во четири општини во северно Косово, кои беа бојкотирани од Србите. Имено, Српска листа, најголемата партија на косовските Срби, повика на генерален бојкот на изборите, поради што гласаа само три отсто од граѓаните.
Српската страна вели дека не очекува ништо, а косовската страна се надева дека тема ќе биде судбината на исчезнатите. Сепак, најголем спор останува Заедницата на српски општини.
Портпаролот на ЕУ Петер Стано најавувајќи ја средбата рече дека секоја страна треба да направи отстапка за да добие нешто.
Премиерот Курти при неодамнешната посета на споменикот на исчезнатите пред Собранието на Косово изјави дека се надева оти на средбата ќе се разговара и за темата на исчезнатите лица.
Косово и Србија се договорија за декларација на почетокот на април кога делегациите се состанаа за последен пат.
На новинарско прашање што очекува од средбата на 2 мај, Александар Вучиќ кусо одговори дека не очекува ништо.
Потсетуваме, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, по средбата во Охрид изјави дека во анексот на договорениот договор јасно стои дека Косово се обврзува веднаш да започне со формирање на Заедницата на српските општини (ССО).
„Овој договор создава нов статус што значи дека повеќе не треба да бараме надеж во дијалогот, што ни овозможува повеќе да не бидеме во атмосфера на криза, туку да продолжиме со имплементација на договорот што беше прифатен на 27 февруари. “, рече Борел на прес-конференција.
Вучиќ по средбата во Охрид неколку пати повтори дека не потпишал ништо со Курти бидејќи тоа би значело признавање на Косово.
Тој додаде дека формирањето на ЗСО е приоритетна обврска согласно досегашните обврски од дијалогот.