Вучиќ по средбата со Лајчак: „Србија е секогаш подготвена за дијалог и за почитување на сè што е договорено“

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска се сретна со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак. 

Вучиќ посочи дека Србија е секогаш подготвена за дијалог, за почитување на сè што е потпишано и договорено и повтори дека Србија се залага за деескалација, мир и стабилност, кои се неопходни за да се обезбеди опстанок на Србите на Косово и Метохија, соопшти Службата за соработка со медиумите на претседателот на Србија.

Претседателот Вучиќ уште еднаш детално го информираше специјалниот претставник на ЕУ за тежината на ситуацијата со која се соочуваат Србите, и северно и јужно од Ибар, изразувајќи надеж дека ќе се постигнат резултати во понатамошниот процес на дијалог. 

Претседателот Вучиќ на денешната средба инсистирал на формирање Заедница на српски општини, а се разговарало и за други важни теми во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина.