Вучиќ: Тешко дека Ана Брнабиќ повторно ќе биде премиерка, ги молам сите што штрајкуваат со глад да престанат
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека е „тешко“ Ана Брнабиќ повторно да биде премиер на Србија, но дека во иднина ќе извршува „значајни функции“.
Во обраќањето до граѓаните од Претседателството на Србија, Вучиќ рече дека пред изборите и рекол на премиерката дека ова е нејзиниот последен мандат.
„Ана израсна во голем борец. Горд сум на неа. Тешко дека таа повторно ќе биде премиерка. Тоа и го кажав пред изборите, но таа го даде срцето и се бореше во текот на целата кампања. Зад неа остануваат резултатите“, рече Вучиќ.
Одговарајќи на новинарски прашања за политичарите кои штрајкуваат со глад, тој рече дека ги замолува да прекинат.
„Сакам да ги замолам сите што штрајкуваат со глад да не го прават тоа. Нека се вратат убаво на обврските. Тие можат да организираат протести секој ден. Навикнат сум на протести“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека во 2011 година Томислав Николиќ не постигнал ништо со штрајкување, освен што си го загрозил здравјето.