Вучиќ: Ќе вложиме огромни пари во одбранбената индустрија и армијата

 Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека „армијата на Србија мора да биде многу посилна“ отколку што е денес и најави набавка на оружје за околу 300 милиони евра за следните две години.

„Мораме да инвестираме огромни суми пари во одбранбената индустрија и армијата. Имав разговор со премиерката Ана Брнабиќ и министерот за финансии Синиша Мали. Се трудиме да не оштетиме никого и ништо во земјата без драстично да ги зголемиме нашите оперативни и функционални способности, што значи борбена готовност“, рече Вучиќ при посетата на меѓународниот саем за оружје во Абу Даби.

Тој изјави дека планот е во 2023 и 2024 година да се набават 200 парчиња тешко оружје од домашно производство за околу 300 милиони евра, јави Бета.

Вучиќ додаде дека Приштина има намера до крајот на годината да набави 100 оклопни возила, делумно од донации, што е „спротивно на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН“.