Генерал Марк Мили: САД нема да го напуштат Блискиот Исток

– Соединетите Американски Држави (САД) нема да „заминат“ од Блискиот Исток, изјави генералот Марк Мили, челник на Здружениот генералштаб, нагласувајќи ја клучната улога на регионот во приоритетите на националната безбедност на земјата.

Во интервју за јорданската телевизија „Ал-Мамлака“, Мили истакна дека регионот е „многу важен и многу значаен за Соединетите Американски Држави поради многу причини“.

„Имаме многу блиски пријателства и партнерства. И сакаме да се увериме дека регионот е стабилен. Очигледно, регионот е примарен извор на нафта и енергетски ресурси за другите делови на светот“, рече тој.

Мили посочи дека долгогодишната врска со Блискиот Исток ќе продолжи.

„Не можам да замислам Соединетите Американски Држави некогаш да заминат од Блискиот Исток. Мислам дека ќе останеме посветени уште многу, многу години и децении“, рече тој.

– Сирија и Ирак

На прашањето дали САД размислуваат да го зголемат бројот на трупи во регионот, Мили одговори дека тој број расте и се намалува во зависност од „заканата во моментот“.

Осврнувајќи се на ДЕАШ (ИСИС), тој рече дека терористичката организација е уништена, но дека движењето сè уште не е мртво.

„Идеологијата сè уште не е мртва, а има некои терористи на ИСИС што сè уште талкаат по пустините на Сирија и донекаде во Ирак, така што тоа претставува закана“.

Генералот истакна дека американските трупи ќе останат и во двете земји за да работат на траен пораз на терористичката организација.

„Сè уште има борци во мали групи во и околу Сирија и околу Ирак… и ако ненадејно се повлечеме, тие сили може повторно да се воспостават. Ситуацијата е многу, многу подобра отколку што беше, но сѐ уште бара одредено ниво на посветеност. Значи, имаме скромна бројка на сили во Сирија и имаме сили во Ирак“, додаде тој.

На прашањето дали САД ќе ја напуштат Сирија кога терористичката организација ќе биде уништена, Мили рече дека одлуката за тоа е на претседателот Џо Бајден и на американската Влада.

– Украина

Во однос на војната во Украина што ја започна Русија, Мили рече дека таа е нелегитимна и неиспровоцирана.

Украинските сили спроведуваат контраофанзива против руските војници во обид да вратат територии, но таа е „крвава“ и „бавна“.

„Искрено, премногу е рано да се каже дали е успешна или не. Досега очигледно има делумен успех. Сега брзината со која се презема офанзивата е побавна отколку што мислеа планерите“, рече тој.

Генералот Мили истакна и дека напорите за помош во обуката на украинските пилоти на Ф-16 се движат напред, додавајќи дека има програма за обука и дека Украинците наскоро ќе ги добијат борбените авиони.

Вчера Пентагон соопшти дека обуката на украинските пилоти ќе започне во октомври во американската сојузна држава Аризона.