Герасимовски со директорките на основните училишта: Ќе реализираме нови програми за врсничко насилство
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски одржал средба со директорките на општинските основни училишта, на која се разговарало за зголемување на безбедноста и сигурноста на учениците.
Директорките на училиштата го информирале градоначалникот за активностите што ги спроведуваат тековно, а се поврзани со превенција на булингот, препознавањето на проблеми кај децата и нивно решавање.
– Ние, родителите ја имаме најголемата одговорност во воспитувањето на нашите деца. На директорките им дадов конкретни насоки – до крајот на оваа недела да свикаат состаноци на сите училишни тела: Совет на родители, Училишен одбор и родителски средби, да се поразговара за актуелните состојби и заедно со децата, родителите и наставниците да работиме на решавање и на надминување на проблемите на децата во училиштата, изјавил градоначалникот Герасимовски.
Градоначалникот Герасимовски, како што информираа денеска од Општина Центар, од директорките побарал да му достават списоци на сите обуки реализирани во минатиот период, а се поврзани со булинг и врсничко насилство. Основните училишта до општината треба да достават и нови предлози, проекти и идеи со кои заеднички, општината, наставниот кадар, учениците и родителите ќе можат да работат на решавање и надминување на состојбите.
– Финалниот заклучок од состанокот на градоначалникот со директорките е дека покрај проектите и активностите на општинските основни училишта, од исклучително значење е самите родители да обрнуваат повеќе внимание на своите деца, да разговараат со нив за нивните проблеми и да вложат повеќе напор во меѓусебната комуникација, се наведува во соопштението од Општина Центар.