Герасимовски: Уништувањето на детските игралишта e тажно и срамно

 Службите на Општина Центар во текот на изминатиот период бележат оштетени и искршени реквизити, заштитни огради на повеќе детски игралишта, откорнати подлоги и собрани зелени подлоги на фудбалски игралишта, детски игралишта испрскани со спреј кои ја нагрдуваат сликата во околината и ја спречуваат или прекинуваат детската игра, информираат од Општина Центар.

Пред извесен период, како што велат, родители до општината пријавија дека на детското игралиште Славка Недиќ во Дебар Маало кај Дрвен има истурено масло од непознати сторители. Ова детско игралиште, додаваат, беше целосно реконструирано пред неколку месеци и беше полно со деца од околните згради. Пред пет месеци целосно беше реконструирано спортско игралиште пред Кам Маркет со поставена нова вештачка трева на површина од 156 квадратни метри, нова заштитна ограда и детски голови, а денеска има откорната подлога.

-Тажна е сликата да ги гледате детските игралишта во ваква состојба. Неколкупати досега апелирав на внимание и зачувување на детските реквизити и урбаната опрема. Некои од реконструираните игралишта не издржаа здрави ниту една недела. Тажно и срамно е ова што се прави. Детските игралишта и урбаната опрема се јавно добро за нашите најмили. Со нивно уништување покрај тоа што се скратува правото на игра на децата се доведуваат и во опасност, изјави  градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски. 

Најави дека за кршење и уништување на реквизитите на детските и спортски игралишта ќе следуваат парични казни и побара од граѓаните да ги пријават во општината сите кои ќе ги затекнат во вандализирање и уништување на урбаната опрема.

-Согласно Законот за јавна чистота, поради обезбедување на јавна чистота на јавни површини по член 114 – а забрането е уништување на урбана опрема (клупи, фонтани, билборди, опрема на детски игралишта). За уништување на урбана опрема општинската комунална инспекција изрекува прекршочни глоби во висина од 150 евра во денарска противвредност за физички лица или од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност за правни лица и 300 евра за одговорното лице, појаснуваат од општина Центар.

Од општина Центар ги повикуваат месните и урбаните заедници да се вклучат во подигањето на свеста за зачувување на урбаната опрема, како и да се вклучат во конкретни активности кои ќе придонесат за подобрување на актуелната состојба.