Германската Влада го претстави Предлог-законот за легализирање на канабисот

– Германија денес го претстави Предлог-законот за легализација на канабисот за лична употреба.

Според Предлог-законот, кој беше одобрен од Кабинетот на канцеларот Олаф Шолц, полнолетните лица ќе можат да одгледуваат и да консумираат ограничени количини канабис.

На прес-конференцијата во Берлин, министерот за здравство Карл Лаутербах изјави дека предложената легислатива претставува „пресвртница“ во националната политика за борба против дрогата.

Лаутербах истакна дека Владата се согласила за „контролирана легализација“ на канабисот бидејќи претходните мерки не успеале да го намалат користењето на канабис, туку резултирале со зголемување на криминалот поврзан со дрогата.

„Денес постои голем црн пазар што претставува голем проблем бидејќи производите од канабис сѐ повеќе се со токсични дози или, пак, содржат токсични адитиви“, рече тој.

Лаутербах посочи дека новата легислатива ќе биде поефикасна во борбата против црниот пазар, заштитата на поединците од токсични дроги и намалувањето на криминалот поврзан со дрогата.

Тој, исто така, нагласи дека употребата на канабисот ќе остане нелегална за тинејџерите.

– Ограничено легализирање на канабисот –

Според Предлог-законот, на лицата на возраст од 18 и повеќе години ќе им биде дозволено да поседуваат до 25 грама канабис. Ќе биде дозволено и одгледување до три растенија за лична употреба.

На непрофитните здруженија, со најмногу 500 члена, ќе им биде дозволено да одгледуваат канабис и да го дистрибуираат до своите членови.

Еден член може да добие најмногу 50 грама канабис месечно, според нацрт-легислативата.

Предлог-законот треба да добие одобрување од Парламентот за да стане закон, а се очекува да се расправа во Бундестагот по летниот одмор.