Грција ги укинува навивачките групи: Премиерот Мицотакис ги пореди сопствениците на клубови! Олимпијакос, Панатинаикос, АЕК и ПАОК први на списокот

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави дека сите фудбалски навивачки групи во земјата ќе бидат затворени (укинати).

Тие ќе бидат заменети со официјални здруженија кои ќе функционираат од седиштето на секој фудбалски клуб.

„Навивачките клубови се затвораат. Секој тим ќе има само по еден фан клуб, кој ќе биде во седиштето на клубот“, рече Мицотакис.

Премиерот на Грција ова го изјави по средбата со претседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА) Александар Чеферин, со министрите во грчката влада, како и со сопствениците на четирите најголеми клубови во земјата, Олимпијакос, Панатинаикос, АЕК и ПАОК.

Причина за ваквата одлука беа судирите минатиот понеделник во Атина, кога се судрија приврзаниците на АЕК и Динамо од Загреб.

Судирите резултираа со смрт на 29-годишниот навивач на АЕК, Михалис Качурис, кој беше избоден со нож. Навивачите на Динамо беа заедно со приврзаниците на Панатинаикос во моментот на нападот.

Уапсени се 105 навивачи, меѓу кои и 102 Хрвати, кои остануваат во истражен притвор во очекување на судењето.

Мицотакис додаде дека полицијата ја презема контролата над влезот на навивачите на стадионите.