НАТО ја потврди својата поддршка на територијалниот интегритет на Украина по изјавите на високиот претставник

 – НАТО ја увери Украина за неговата поддршка по изјавите на еден од високите функционери на Алијансата.

Говорејќи за време на панел-дискусија во Норвешка, Стиан Јенсен, шеф на Кабинетот на генералниот секретар на НАТО, предложи Украина да ѝ отстапи дел од својата територија на Русија во замена за членство во НАТО со цел да се стави крај на војната.

„Мислам дека решение би можело да биде Украина да се откаже од одредена територија и за возврат да добие членство во НАТО“, рече тој, додавајќи дека тоа сепак „би морало да зависи од Украина да одлучи кога и под кои услови сакаат да преговараат“, објави вчера норвешкиот таблоид „Верденс ганг“.

Јенсен истакна дека ова е само едно од можните решенија, а не став на НАТО по ова прашање.

По повод ова реагираше официјален извор од Алијансата.

„Ние целосно го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како што потврдија лидерите на НАТО на самитот во Вилнус во јули. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина додека е потребно, и ние сме посветени на постигнувањето праведен и траен мир“, рече изворот.

НАТО континуирано повторува дека Украина треба да одлучи за времето и условите за мир со Русија.

– „Апсолутно неприфатливо“ –

Украинските власти остро ги критикуваа изјавите на Јенсен на социјалните мрежи.

„Апсолутно неприфатливо е да се зборува за пристапување на Украина во НАТО во замена за отстапување на дел од украинската територија“, се огласи преку Фејсбук портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олег Николенко.

„Отсекогаш сме сметале дека Алијансата, како и Украина, не тргува со територии. Свесното или несвесното учество на претставници на НАТО во обликување на наративот во врска со можност Украина да отстапи свои територии е играчка во рацете на Русија“, рече Николенко.

Советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак на платформата за социјалните медиуми Х рече дека отстапувањето територија во замена за членство во НАТО би значело „намерно избирање на поразот на демократијата, охрабрување светски престапник, заштита на рускиот режим, уништување на меѓународното право и пренесување на војната на другите генерации“.