Германската министерка Баербок предупреди: Војната ќе дојде во Европа ако Украина не успее да се одбрани
– Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок денес повика на зголемена воена поддршка за Украина, предупредувајќи дека нејзиното поразување ќе донесе војна во Централна Европа.
„Ако Украина не може да продолжи да се брани, тогаш руската војна на агресија се заканува да се придвижи понатаму кон европските граници, кон нашите граници на НАТО“, рече министерката за новинарите во Брисел.
„Ако Украина не може да продолжи да ја брани нашата слобода, тогаш оваа војна се заканува да биде 8 часа возење од Берлин или уште 8 часа возење од Брисел, срцето на нашата Европска Унија, срцето на нашата НАТО-алијанса“, рече Баербок.
Германската министерка истакна дека сојузниците на НАТО на состанокот вчера разговарале за најновиот развој на случувањата и се согласиле да ја засилат својата поддршка за Украина со воени обуки и подобра координација на испораката на оружје.
„Апсолутно е во наш интерес да ја зголемиме нашата поддршка за Украина. Особено на оваа 75-годишнина од НАТО толку е важно што јасно ставивме до знаење дека стоиме обединети во поддршката за Украина и заедно се залагаме за нашата слобода и нашиот мир“, порача Баербок.
Министрите за надворешни работи на НАТО се собраа во Брисел на дводневен состанок по повод 75-годишнината од основањето на воената алијанса. Тие треба да се сретнат со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во текот на денешниот ден, на состанокот на Советот НАТО-Украина, за да разговараат за воените потреби на Киев.