Сопственици на технолошки компании доминираат на Светската листа на милијардери на Форбс за 2024 година

– Сопствениците на технолошките компании доминираат на Светската листа на милијардери за 2024 година објавена од американскиот магазин Форбс оваа недела.

Бернард Арно, извршен директор на LVMH, најголема компанија за луксузни стоки во светот, вторпат се најде на врвот на листата како најбогат човек во светот, со нето-богатство во вредност од 233 милијарди долари.

На второ место е Илон Маск, сопственик на Спејс икс, Неуралинк и Х, со нето-богатство од 195 милијарди долари. Тој и минатата година беше на второ место, а неговото богатство беше пресметано на 180 милијарди долари.

Џеф Безос, основач и извршен директор на гигантот за е-трговија Амазон, се најде на трето место. Неговото богатство беше во пораст особено на почетокот на пандемијата на КОВИД-19 успевајќи да го зголеми од 113 милијарди долари во 2020 година на 177 милијарди долари во 2021 година.

Тој имаше богатство од 171 милијарди долари во 2022 година, а во 2023 година тоа падна на 114 милијарди долари.

Сепак, Безос успеа повторно да се издигне оваа година и постигна нето-вредност на своето богатство од 194 милијарди долари, според листата на Форбс.

– Основачот на Фејсбук речиси тројно ја зголеми нето-вредноста на своето богатство

Марк Закерберг, извршен директор на технолошкиот конгломерат Мета, кој ги поседува ВатсАп, Инстаграм и Фејсбук, беше во центарот на вниманието како еден од луѓето што најмногу го зголемија своето богатство на листата.

Закерберг се најде на 16. место на минатогодишната листа на Форбс со вредност на богатството од 64,4 милијарди долари. Тој речиси тројно го зголеми своето богатство во 2024 година, достигнувајќи вредност од 177 милијарди долари и се најде на четврто место на листата.

Лери Елисон, основач и извршен директор на Оракл, се рангираше на петто место со богатство вредно 141 милијарда долари, а Бил Гејтс, основач на Мајкрософт, е седми со нето-богатство од 128 милијарди долари.

Стив Балмер, поранешен извршен директор на Мајкрософт, е на осма позиција на годинашната листа на богаташи со 121 милијарда долари, а по него е Лери Пејџ, еден од основачите на Гугл, кој поседува богатство од 114 милијарди долари и се најде на 10. место.

Иако извршните директори на кинеските технолошки компании не се најдоа во првите 10 на листата, Џанг Јиминг, основач на БајтДанс (ByteDance) и сопственик на ТикТок, се најде на 27. место со нето-богатство од 43,4 милијарди долари.