Германски град забрани месо во градинките и основните училишта

Децата од градинка и основно училиште во Фрајбург, Германија повеќе нема да јадат шпагети болоњезе и стекови.

Наместо тоа, секој ќе добие исклучиво веганска храна.

Одлуката за забрана на месото во градинките и училиштата ја донесе локалниот совет на Фрајбург во октомври минатата година. Мнозинството политичари од Зелената левица гласаа за забрана на месото бидејќи, како што открија, исхраната без месо е поздрава.

Децата сега мора да се прилагодат на новата исхрана бидејќи градинките и основните училишта имаат само стандардно вегетаријанско мени.

Како што пренесуваат локалните медиуми, одлуката предизвикала бројни критики од родителите кои се прашуваат колку е добра исхраната без месо за растот и развојот на децата.

Експертите велат дека е важно родителите да разберат дека децата имаат различни потреби за исхрана од возрасните.

Децата вегетаријанци и вегани понекогаш имаат пониски нивоа на витамин Б12 (кој ги одржува здрави крвта и нервните клетки на една личност), калциум (кој гради и одржува силни коски), витамин Д (кој му помага на телото да апсорбира калциум), железо (кој го прави хемоглобинот и миоглобин) и цинк (кој го поддржува имунолошкиот систем и му е потребен на телото за производство на протеини и ДНК).

Сепак, ниту една од овие хранливи материи не е специфична за месото или животинските производи. Витаминот Б12 може да се најде во јајцата, млечните производи и производите збогатени со витамин Б12, како што се млекото од соја или прехранбениот квасец.

Калциумот и железото може да се најдат во гравот. Витаминот Д може да се најде во јајцата и храната збогатена со витамин Д (вклучувајќи житарки, сок од портокал и млеко од соја). Цинкот се наоѓа во тофуто, мешунките и јаткастите плодови.

Педијатарот Џенифер Трахтенберг верува дека правилната вегетаријанска и веганска исхрана може да ги задоволи сите потреби на детето, но под еден услов:

„Треба да биде добро осмислено и надгледувано од педијатар или квалификуван диететичар“, вели докторот.