Гир со многу критики го претстави извештајот за Македонија: Зголемување на корупцијата, злоупотреба на европското знаме и недоверба во судството

Со многу критики, европскиот амбасадор во Скопје, Дејвид Гир, го претстави извештајот на Европската комисија за Македонија, на заедничка конференција со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Гир рече дека извештајот е чесен и праведен и доаѓа во контекст кога има важна динамика во однос на проширување, пренесува Телеграф Македонија.

„Изразена е загриженост за политичка поларизација, особено при гласањето за реформи. Процесот на проширување на ЕУ бара консензус за клучните реформи. Извештајот ја забележува прекумерната, понекогаш непотребна, употреба на знамето на ЕУ. Има злоупотреба на знамето за Кривичниот законик и законите за коридорите 8 и 10-Д. Не е постигнат напредок во владеењето на правото. Недостига доверба во судиите, но и разрешување на поранешниот прв човек на судскиот совет. Апелираме да се одобрат препораките и ве потсетуваме на препораките од претходните години кои не се имплементирани“, рече Гир.

Евроамбасадорот нагласи и дека нема напредок во борбата против корупцијата, но и зголемување на корупцијата на високо ниво.

„Не е постигнат напредок во борбата против корупцијата. Гледаме дека случаите на корупција на високо ниво се зголемуваат. Ова резултира со застареност на предметите, што предизвикува голема загриженост. Во извештајот се пофали работата на Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот ревизор, но се бара да се следат препораките и од двете. Има ограничен напредок во државната администрација. Условите во затворите се уште се лоши, особено во Идризово. Извештајот бара да се направат посебни напори во промовирањето на недискриминацијата. Извештајот, исто така, изразува сериозна загриженост за антиродовите кампањи“, нагласи Гир.

Тој ги спомена и уставните измени, односно дека односите со Бугарија се во рацете на Македонија.

„Сите разбравме дека проширувањето е во наш заеднички интерес. Сакаме Македонија да ја искористи оваа динамика. Извештајот доаѓа со можности. Сакаме Македонија да ја искористи оваа можност. Извештајот е на 120 страници и сеопфатен“, рече Гир.