ГИ УБИЛ СВОЈАТА СОПРУГА И МЛАДИОТ СИН – Приказната за мрачните злосторства на угледен американски адвокат, која ја искористи и Нетфликс (ВИДЕО)
Поротата во Јужна Каролина (САД) вчера го прогласи поранешниот угледен адвокат Ричард А. Мардо за виновен за убиството на неговите сопруга и син, по шестнеделните сослушувања што го привлекоа вниманието на јавноста ширум земјата.
По тричасовно заседавање, 12-члената порота го прогласи Мардо (54) за виновен за убиство на Меги (52) и Пол (22), кои биле застрелани близу семејниот имот на 7 јуни 2021 година. Мардо се соочува со најмалку 30 години затвор, до доживотна затворска казна.
Мардо е потомок на влијателно семејство правници од областа Чарлстон. Обвинителите тврдеа дека ги убил сопругата и синот за да прикрие финансиски злоупотреби, вклучително и проневера на милиони долари од партнери и клиенти за да ја финансира својата зависност од опојни средства и скап живот. Иако се изјасни невин за убиствата, тој призна дека лажел за своето алиби, што го наруши неговиот кредибилитет кај поротата.
Тоа беше меѓу најсилните докази против него. Мардо го смени сведочењето откако поротата слушна аудиоснимка како доказ дека тој бил на местото на злосторството неколку минути пред да бидат извршени убиствата.
Како што течеше судскиот процес за ова убиство, така се множеа и нови истраги за други смртни случаи поврзани со него. Глорија Сатерфилд, на пр., била нивна долгогодишна куќна помошничка, сѐ до нејзината смрт во 2018 година. Првично се мислело дека причината е несреќен пад на скали од домот на Мардо, но финансиски зделки на Мардо придонесоа за сомнеж за поинакви објаснувања.
По смртта на Сатерфилд, адвокатот обезбедил осигурување во име на нејзините синови од над четири милиони долари, но парите завршиле кај него.
Се покрена и истрага за смртта на Стивен Смит (19), кој бил пронајден мртов на патот недалеку од домот на Мардо. Тинејџерот бил соученик на најстариот син на Мардо, Бастер.
Тоа значи, покрај гонењето за убиство, јавниот обвинител на Јужна Каролина поднел 99 други обвиненија против Мардо за финансиски злосторства што се случиле во распон од неколку години. Тој е обвинет и за измама на повеќе клиенти за сума од над осум милиони долари.
На Нетфликс минатата недела беше објавен и документарен филм за случајот Мардо. Документарниот филм „Убиствата на Мардо: Скандал на југот“ (Murdaugh Murders: A Southern Scandal) беше еден од најгледаните филмови на Нетфликс во САД.