Гласањето за претседател во затворот Идризово се одвива без проблеми

Во затворот Идризово гласањето за претседателските избори денеска се одвива без проблеми, иформираат за МИА од Избирачкиот одбор. 

-Подготвките за гласањето завршија одлично. Гласањето започна во 7 часот и се одвива без проблеми. Во Избирачкиот список за ова гласачко место број 2536 се запишани 887 избирачи, а до пладне на гласање излегоа 235, изјави за МИА членот на Избирачкиот одбор Тони Трајковски. 

Согласно Избирачкиот список денеска треба да гласаат  2.147 лица кои се на издржување казна затвор или се во притвор. 

За претседателските избори денеска гласаат и болните и изнемоштените и лицата во старските домови.

Членови на Избирачките одбори ги посетуваат во нивните домови за да гласаат и 6.935 болни и изнемоштени лица, чии пријави беа прифатени.

Запишани се и 534 избирачи, кои поднеле пријава за гласање, во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат во установи за вон семејно згрижување, како и двајца избирачи со статус на внатрешно раселени лица, согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика. 

Право на глас на седмите претседателски избори имаат 1.814.317 избирачи. Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот. Се гласа на 3480 избирачки места во целата земја.